Дебито на Лионел Меси на „Паркот на принцовите“ во дресот на Пари Сен Жермен не беше како што посакуваше големата ѕвезда. Аргентинецот играше до 73-тата минута, кога тренерот Маурисио Покетино реши да го извади од игра при резултат 1:1. ПСЖ со голот на Мауро Икарди стигна до победа од 2:1 во дербито против Олимпик Лион, но во фокусот на мечот остана повлекувањето на Меси од теренот.
Кога беше заменет, Меси воопшто не сакаше да се поздрави со тренерот Покетино, а стратегот по мечот објасни дека тој е човекот што одлучува кои играчи ќе бидат на теренот.
ПСЖ веќе утре ќе игра повторно во првенството, и тоа на гости кај Мец, во рамките од седмото коло. Според некои најави, Покетино планира да му зададе нов удар на Меси и најголемото засилување во летниот преоден рок да биде седнато на клупа. Весникот „Л’Екип“ најавува дека Меси утре би можел воопшто да не игра за да биде свеж за дуелот против Манчестер сити, кој ќе го игра следниот вторник, во второто коло од Лигата на шампионите.