Пол Погба, кој моментно издржува суспензија поради користење допинг, започнува да планира рестарт на својата кариера. Суспензијата му завршува во март 2025 година, а откако беше ослободен од Јувентус со раскин на договорот, тој е слободен агент и активно бара нов клуб.
Негова главна желба е враќање во Франција, каде што би можел да потпише за тим од Лига 1. Погба смета дека во татковината ќе најде помирна средина и ќе биде поблиску до семејството, што би му помогнало да ја рестартира кариерата. Дополнително, тој се надева дека со настапи во Лига 1 ќе го привлече вниманието на селекторот Дидие Дешан и ќе се врати во репрезентацијата на Франција.
Погба беше суспендиран во септември 2023 година откако беше откриен позитивен допинг-тест на тестостерон. Оттогаш тој не одиграл натпревар, а последниот негов настап беше во август против Удинезе.
Во неговиот втор мандат во Јувентус одигра само осум натпревари, што главно се должеше на честите повреди.