Славниот француски фудбалер Пол Погба неодамна се врати на терените и во Монако ја бара својата форма по која беше препознатлив пред паузата, но истовремено одлучи и да инвестира во Саудиска Арабија.
Погба и официјално е нов акционер во клубот за трки со камили Ал-Хабуб, а како што вели, пред да вложи пари, долго истражувал на „Јутјуб“.
„Гледав многу трки на ‘Јутјуб’ и поминав многу време во истражување за да ги разберам техниките и стратегијата. Спортот е спорт, потребно е срце, жртва и тимска работа. Да ја поседувам најскапата камила на светот би било прекрасен момент за затворање на кругот – нешто што ми е забавно, нешто што ми значи и нешто што ме возбудува. Можеби еден ден и тоа ќе го остварам. Без разлика дали се работи за фудбал, трки со камили или бокс – темелите се слични“, вели Погба.
Трките со камили се популарни на Арапскиот Полустров и се одржуваат најчесто во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

