Франција речиси пред еден месец одлучи дека нема да продолжи фудбалското првенство во оваа земја. Причина за прекинот е пандемијата од корона-вирусот, а Пари Сен Жермен, кој беше убедлив лидер, ја доби шампионската титула.
Сепак, од сегашна гледна точка, одлуката да се прекинат сите спортски активности во земјата до крајот на август е катастрофална за спортските клубови. Според пресметките, одлуката на политичарите да се прекинат сите спортски активности им донело загуба од 600 милиони евра на фудбалските клубови.
Потпретседателот на Сент Етјен, Бернард Кајацо, кој е и прв човек на Здружението на прволигашите, вели дека дури сега се гледаат штетните ефекти да се прекине првенството. Франција е единствена земја од елитните Топ-5 лиги кои прогласија прекин.
Во Германија веќе се одиграа четири кола, а во Англија, Шпанија и Италија се најавува во најскоро време да продолжат возбудувањата и на терен да се одлучи конечниот пласман.
„Секогаш сме го поддржувале предлогот на клубовите, а тоа е да се продолжи со играње за да не се соочиме со финансиски колапс. Сепак, моравме прерано да ја завршиме сезоната затоа што политичарите така решија. Немавме избор. Од нас бараа да бидеме добри граѓани, а тие ни скратија по 25 отсто од заработувачката. Сега гледаме дека сите може да играат фудбал, само ние не можеме. Не знам дали некој разбира, но францускиот фудбал загуби 600 милиони евра“, објасни Кајацо.