Рунзе Хао и Раднички Ниш се разделија по куса соработка, а дел од српските медиуми објавија дека и политиката вмеша прсти во спортот.
Рунзе одигра само еден меч за прволигашот од Србија и дебито на 31 мај годинава му беше одлично со гол против Напредак, но потоа дојде до чуден расплет и збогум за 23-годишниот кинески играч.
Хајдонг Хао, таткото на Рунзе, е вистинска фудбалска икона во Кина и најдобар стрелец на сите времиња во репрезентацијата на најбројната земја на светот, но и голем противник на владеачката партија.
Критиките на Хајдонг за Комунистичката партија на Кина не им легнаа баш најдобро на властодршците, па објавено е дека имало притисок, и тоа на највисоко политичко ниво, Рунзе да биде отпуштен од Раднички.
Тоа и се случи, случајно или не е во доменот на шпекулациите, меѓутоа српските медиуми објавија дека Рунзе се покажал во одлично светло на дебито пред десетина дена и дека одлуката на раководството на прволигашот од Чаир е чудна.
Интересно е што и главните кинески медиуми објавија текстови за супер деби на 23-годишниот нивен играч за Раднички, но веќе ги повлекоа и ги избришаа сите текстови поврзани со мечот меѓу Раднички Ниш и Напредак.
Рунзе Хао со погодок во 94-тата минута го спаси Раднички од пораз во Крушевац, а потоа доби отказ.
Таткото на младиот кинески дефанзивец е легенда на кинескиот фудбал со 107 меча за националната репрезентација и 41 гол, најмногу во историјата на А селекцијата на Кина.