Ламонт Марсел Џејкобс е еден од хероите на ЛОИ во Токио откако успеа да ги изненади фаворизираните спринтери од САД и Јамајка и да го освои златото на трката од 100 метри. Џејкобс истрча со време од 9:80 секунди, а токму овие нецели 10 секунди целосно му го сменија животот.
Спринтерот кој работи како полицаец во Италија има плата од 1.300 евра месечно, но сега неговата финансиска ситуација многу ќе се подобри. Според пресметките на маркетинг-менаџерите, златото на ЛОИ на Џејкобс ќе му донесе заработка од вкупно пет милиони евра.
Освен заработената премија од италијанскиот олимписки комитет вредна 180.000 евра, Џејкобс сега сигурно ќе биде една од најбараните личности за реклами. Се очекува да стане заштитен знак на некој од најпознатите брендови, да снима реклами за компании кои пропагираат здрава исхрана, а треба да биде и еден од најчестите гости на телевизиите.