Полицијата во Брисел не им дозволува на навивачите да го напуштат стадионот „Крал Бодуин“ по убиството на засега двајца шведски фанови од страна на припадник на терористичката организација ИСИС (Исламска држава).
Според новинарот на Радио Монте Карло, Матие Дарбас, кој бил на стадионот, речиси сите шведски, но и белгиски фанови уште по 20-тина минути знаеле за терористичкиот напад кој се случил во 19 часот.
„По 20 минути игра (натпреварот започна во 20.45 часот, н.з.), новинарите и сите присутни на стадионот беа свесни за тоа што се случува на улиците во Брисел. Мачна атмосфера на трибините. Сите едвај чекаа да заврши првото полувреме за да видат што се случува. Новинарите на полувреме се обидоа да го напуштат стадионот, а дел од моите колеги разговараа со своите семејства за да се уверат дека се добро“, изјави Дарбас.
Бриселската полиција потоа одлучила да не дозволи никој да го напушта стадионот „Крал Бодуин“ поради безбедносни причини, а тоа го потврди и УЕФА.
„Порака за шведските навивачи кои се на стадионот, бриселската полиција сака тие да останат на трибините од безбедносни причини. Следете ги информациите од официјалните лица и соработувајте со власите и луѓето од Фудбалската федерација на Шведска во Брисел. Бидете мирни и внимајте на себе. Со мислите сме со семејствата и пријателите на починатите во Брисел“, соопшти УЕФА.