Полска ја изненади и ја оддалечи Италија од полуфиналето на младинското ЕП

Кристијан Бјелик, кој е член на Арсенал, беше стрелец на голот во 40-тата минута, со кој Полска со 1-0 ја изненади Италија во Болоња, во меч од Европското првенство за играчи до 21 година. Италијанците на првиот меч ја совладаа Шпанија, но вечерва не успеаја да го најдат патот до голот на Полјаците и беа поразени, па сега им се комплицираат работите околу пласман во полуфиналето.

Младите Италијанци од 1982 година немаа загубено домашен меч од финална фаза на ЕП во оваа возрасна категорија. Тие напаѓаа, редеа шанси, имаа и статива и поништен гол, но немаа реализација. Од друга страна, Полска од својата единствена конкретна закана успеа да даде гол.

Полска ја победи и Белгија, па веќе има 6 бода и барем со бод против Шпанија, која има три бода, ќе го освои првото место во групата и ќе оди понатаму. Место во полуфиналето обезбедуваат победниците на трите групи и само најуспешната од второпласираните. На Италијанците им останува да ја совладаат Белгија и да го чекаат расплетот во другите две групи, но има теорија тие да бидат и први, ако Шпанија биде поуспешна од Полска, па се направи круг од три селекции со по 6 бода.

- Оглас -

Најнови вести