Полудеа од радост на првиот прволигашки меч по шест години пауза – Копот на Рапид е јужноамерикански, диригира познатиот пијанист (Фото)

Одличен амбиент со присуство на 14 илјади луѓе на националната арена во Букурешт приредија навивачите на Рапид на дуелот со Чиндија, што е прв прволигашки за клубот од Букурешт по пауза од шест сезони.

На копот на Рапид се најде и големиот навивач на популарните Ѓулештени, Дан Григорие, кој е еден од најпознатите пијанисти во Романија и е уметник од светски ков.

Рапид е еден од најпознатите клубови во Романија, има три шампионски круни и дури 14 пати беше вицешампион на земјата.

По период во кој имаа големи финансиски проблеми и двапати беа исфрлани од Првата лига, иако обезбедуваа место во елитата на терен, лани успеаја конечно да се вратат, на радост на големата армија на навивачи, кои приредија вистински спектакл вечерва.

Рапид е основан пред 98 години, а интересно е што вечерва игра против Чиндија на националната арена во Букурешт.

Од 1939 година играат на својот стадион во Ѓулешти, населба во Букурешт, но вечерва ја сменија локацијата. На стадионот во Ѓулешти играше скопски Вардар на 11. август во 2005 година и загуби со 3:0 во меч од тогашниот УЕФА куп, сега познат како Европа Лигата на УЕФА.

 

- Оглас -

Најнови вести