Победникот од двобојот Барселона-Манчестер јунајтед ќе има полуфинале со Ливерпул или Порто, а подобрите од пресметките Тотенхем-Манчестер сити и Ајакс-Јувентус ќе го сочинуваат второто полуфинале во Лигата на шампионите. Полуфиналето се игра на 30 април и 1 мај, а на 7 и 8 мај ќе се знаат финалистите кои на 1 јуни во Мадрид ќе играат за трофејот во најсилното клупско натпреварување.
Ждрепката му беше наклонета на Ливерпул, кој во минатата сезона го разби Порто во осминафиналето, а и сега ќе има дуели со истиот противник. И во Јуве може да бидат задоволни, иако Ајакс покажа дека е незгоден ако не го сфатите сериозно. Тотенхем и Манчестер сити првпат ќе играат еден против друг на европска сцена.
Манчестер јунајтед пред 20 години на „Камп ноу“ ја освои европската титула и повторно ќе игра на тој стадион, овојпат во улога на аутсајдер, но „ѓаволите“ во 2008, кога последен пат се сретнаа со Барса во двомеч, ја елиминираа.