Помали плати за Пандев, Елмас и Несторовски

Клубовите од италијанската Серија А едногласно дадоа согласност за намалување на платите на сите фудбалери за една шестина, или една третина, во зависност од тоа дали сезоната ќе се комплетира.

Раководството на Лигата спроведе итна конференциска средба откако разговорите на Федерацијата со здружението на италијанските играчи не дадоа никаков резултат.

„Ова беше неопходно за заштита на иднината на целиот фудбалски систем. Се предвидува намалување за една третина на бруто-платата ако сезоната не заврши или намалување за една шестина од годишната плата ако досега неодиграните мечеви од сезоната 2019/20 се играат во следните месеци”, се вели во официјалното соопштение.

Јувентус од претходно им ги намали платите на своите фудбалери, па за нив ова не важи, а во Серија А решија да се почека подобар период за продолжување на сезоната, што значи дека засега нема да се објави поништување или прекин. Во италијанското првенство играат и тројца македонски репрезентативци: Горан Пандев од Џенова, Илија Несторовски од Удинезе и Елиф Елмас од Наполи.

- Оглас -

Најнови вести