Први мај е датум кој на многу љубители на Формула 1 им причинува тага, бидејќи се присетуваат дека токму на 1 мај 1994, загина Аиртон Сена, бразилскиот пилот на чиј погреб дојдоа три милиони луѓе, а неговиот гроб годишно е попосетуван од тие на Елвис Присли, Џон Кенеди и Мерилин Монро заедно.
Тој кобен викенд на патеката Имола, почна со тежок инцидент на Рубенс Барикело во петокот, продолжи со смрт на Роланд Раценбергер во саботата, а беше запечатен со излетување на кривината Тамбурело и удар во ѕид со брзина од 310 километри на час на Сена, кој им подлегна на повредите во болница во Болоња.
Иако поминаа 28 години од тогаш, уште не се најде виновник за дефектот на болидот на Вилијамс. Сена беше трикратен првак, а во болидот му беше најдено австриско знаме, кое тој го носел во чест на Раценбергер кој загина еден ден пред него.
Откако Сена беше однесен со хеликоптер во Болоња, трката на запрепастување на многумина продолжи, и заврши со победа на тогашната млада ѕвезда Михаел Шумахер, кој таа година во болидот на Бенетон ја освои првата титула.
Ако беше нешто добро во трагедијата, е што после смртта на 34-годишниот Сена, тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, воведе драконски безбедносни мерки и шикани се додадени на некои од побрзите и поопасни свиоци, па бројот на загинати и тешко повредени Ф1 пилоти драстично се намали.