Во големото шпанско дерби, Реал Мадрид победи со 2-1, a еден од послабите на теренот беше младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал. Иако се очекуваше тој да биде главната офанзивна сила на каталонците, Јамал не успеа да се наметне и остана без сериозни шанси на мечот.
Помошник-тренерот на Барселона, Маркус Зорг, објасни зошто настапот на 18-годишникот беше потпросечен.
„Тој се враќа по повреда и му треба ритам, повеќе натпревари на теренот… Тоа е сосема нормално. Има 18 години и мораме да му дадеме време и поддршка. Натпреварите против Реал секогаш се тешки, противниците се прилагодуваат и прават сè за да го неутрализираат“, рече Зорг.
Тој додаде дека Јамал често бил опкружуван со двајца дефанзивци и спречуван да навлезе во казнениот простор.
„Тоа е дел од процесот на учење. Публика, притисок, негодувања, свирежи, младите играчи мора да се навикнат на тоа. Ламин е многу мотивиран и ова ќе му помогне да напредува“, заклучи помошник-тренерот на Барселона, кој го водеше тимот поради суспензијата на Ханси Флик.

