Лацио, Тотенхем и Андерлехт се трите тима кои во моментов се на првите три позиции на табелата во Лигата на Европа откако победија на своите вечерашни мечеви, иако сите овие три тима примија гол.
Лацијалите на многу силен дожд и влажен терен на „Олимпико“ беа убедливи со 4-1 (најефикасен меч од сите во Лига Европа кои се играа од 18.45 часот) против Ница и тие се први на табелата, Тотенхем славеше на гости кај Ференцварош со 2-1, а победата на Андерлехт на гости кај Реал Сосиедад од 2-1 може да се смета за изненадување на вечерта, по кое и белгискиот тим има 6 бода.
Во Конференциската лига, дожд од голови имаше во Белгија, каде што Серкл Бриж го совлада Сент Гален со 6-2. Убедливи на стартот беа и Молде против северноирскиот Ларн со 3-0 и кипарска Омонија, која го разби исландски Викингур со 4-0.
Изненадување е поразот на Бетис од 0-1 во Варшава против Легија, а Алекса Амановиќ го одигра целиот меч за Астана во победата од 1-0 над ТСЦ Бачка Топола.