Деветтото место викендов на слаломот во Кицбил на трката на која имаше стартен број 71, па шестото место на слаломот во Шладминг со стартен број 46 најавуваат дека можеби со право Бугарите веруваат дека нивниот 21-годишен скијач Алберт Попов наскоро ќе биде дел од елитата во најтехничката дисциплина во алпско скијање.
Резултатите на младиот Попов веќе не се сензација, а како што почна да напредува, нема да биде изненадување ако се најде и на подиумот. Попов со своите настапи за една недела го привлече вниманието во скијачкиот свет и успеа кај нашиот источен сосед драстично да го зголеми интересот за овој спорт. Од 22-ри до 24-ти февруари ќе има три трки во Банско, а иако нема да се вози слалом, Попов ќе има огромна поддршка од публиката.
Пласманот на шестото место во легендарниот Шладминг, каде што имаше околу 50.000 гледачи, е прв таков добар резултат за бугарски скијач од 1985 година наваму. Пред 34 години, Петар Попангелов исто така беше шести на слалом во Парк сити.