Шкендија ќе оди на поправен испит по неочекуваната елиминација за настап во Лигата на шампионите од Номе Калју, а и амбициите на Дуделанж за подвиг и пат до фазата по групи во елитното клупско натпреварување ги згасна Валета, па денеска во Скопје почнува двомеч за рехабилитација и настап во третото квалификациско коло во Лигата на Европа.
И особено интересно за Шкендија е што ако го мине Дуделанж повторно, веројатно ќе игра против Номе Калју. Но, за да се стигне дотаму, треба да се најде начин за елиминација на сè подобриот состав од Луксембург.
Дуделанж имаше скромни резултати во еврокуповите сè до лани, кога приреди два големи подвизи и со елиминација на Легија Варшава и на романскиот Клуж се пласира во фаза по групи во Лигата на Европа. Како прв тим од Луксембург што успеал да стигне до пласман во Лигата на Европа, наградата беше дуели со Милан, Бетис и Олимпијакос.
И во овој циклус тргнаа со големи амбиции, но Валета беше подобра, па сега и тие ќе се обидат да се рехабилитираат во двомечот со Шкендија.
„Го респектираме составот на Шкендија, играат добар фудбал, но очекувам да забележиме позитивен резултат. Имаме неколку нови играчи во однос на ланската сезона, но амбициите се да се обидеме по вторпат да играме во фазата по групи во Лигата на Европа“, изјави тренерот на Дуделанж, Емилио Ферера.
Дуделанж има лоши спомени од дуелите со македонските екипи и беше елиминиран од Вардар и од Работнички во минатата декада во квалификациски дуели за настап во Лигата на шампионите.
Шкендија ќе се обиде да комплетира македонски хет-трик против денешниот гостин, а добри вести се што Стенио Жуниор е подготвен за настап откако комплетно ја санираше повредата и играше против Номе Калју во второто полувреме на реваншот во Скопје.
Подготвен за настап е и Хуан Фелипе, кој е најголемото засилување на Шкендија, но не играше на двомечот со Естонците.
„Ќе ни треба сосема поинаков пристап против Дуделанж за да не ни се случи Номе Калју. Атмосферата е подобра, иако не е заборавен неуспехот со Номе Калју, но се надеваме дека со успех против Дуделанж ќе ја избришеме незгодната епизода и елимиација од Естонците. Ќе има промени во формацијата, а Фелипе ќе игра од почеток“, изјави Ќатип Османи, тренерот на Шкендија.
Првиот меч ќе се игра денеска, од 18 часот, а ќе го суди Норвежанецот Торе Хансен. Реваншот ќе се игра за една недела во истиот термин.