Ненормалното трошење пари на англискиот клуб Челзи ги натера челниците на УЕФА да размислуваат за менување на правилата во врска со финансискиот ферплеј.
Сините од Лондон потрошија многу пари, летоска и сега во јануари за засилувања „фрлија“ речиси половина милијарда евра, немаат намера тука да застанат, а благодарение на еден трик, не го прекршуваат финансискиот ферплеј.
Трикот е во должината на договорите. Михајло Мудрик потпиша договор дури на осум и пол години, а Беноа Бадијашил на седум и пол години. Целта е сумата која треба да им биде исплатена, да се разводни на што повеќе рати и со тоа да се остане во границите на финансискиот ферплеј.
Во УЕФА сега се предлага договорите и отштетата за играчите да бидат целосно исплатени во период од максимум пет години.
Така на пример: за Украинецот Мудрик, Челзи сега плаќа само по 8 милиони годишно, а ако има лимит од пет години, би плаќале по 14 милиони. Сепак, и да се донесе таква одлука, таа нема да се случи месецов, па Челзи може да продолжи да троши.