Челзи гостува кај Вест хем во најпривлечниот меч вечерва во Премиер лигата. Двата лондонски клуба очекуваат освојување на трите бода, кои може да им бидат „златни“. Домаќините се во долниот дел од табелата и само со еден кикс може да се најдат во зоната за испаѓање.
За разлика од Вест хем, Челзи е четвртопласиран и се надева дека до крајот на сезоната нема да оди подолу. Четвртото место е последно кое води во Лигата на шампионите за следната сезона. Најголем ривал на тимот од „Стемфорд бриџ“ им е Манчестер јунајтед, кој заостанува два бода, но Црвените ѓаволи имаат и меч повеќе. Токму затоа, Челзи вечерва со победа може да стигне до плус од пет бода, и тоа на шест кола до крајот.
Тоа што го плаши Челзи е формата во која се наоѓа Манчестер. Гигантот од „Олд Трафорд“ веќе 15 меча е без пораз во сите натпреварувања, а најзаслужен за тоа е Бруно Фернандеш. Португалецот дојде во Манчестер во зимскиот преоден рок и се покажа како одлично засилување. Во осум меча кои ги одигра досега, Фернандеш има пет гола и три асистенции.
Оваа форма на Манчестер треба да ги загрижува тие во Челзи, па затоа вечерва екипата на сопственикот Роман Абрамович ќе брка победа против Вест хем.