Поради очајниот терен, Арената „Тодор Проески“ ќе биде затворена до дуелот со Италија

Пред неколку години Арената Тодор Проески беше вистинска гордост за фудбалска Македонија. Во август 2017 година, на нашиот најголем стадион се играше Суперкупот на УЕФА и беше домаќин на европските гиганти Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

Точно шест години по тој меч што го гледаше целиот фудбалски свет, теренот на Арената Тодор Проески сега наликува на нива на која се копаат компири. Едноставно очајна е состојбата на теренот на кој со право се бунат сите оние кои ќе дојдат да гостуваат тука.

Последен таков пример беше пред само една недела, кога бугарскиот Левски играше против Шкупи, а гостите со право ни се смееја за тоа во каква состојба е теренот на Тодор Проески. 

Одржувањето на теренот на стадионот Тодор Проески како да преставува како да е нешто најтешко на светот, затоа што веќе неколку години констатираме дека теренот е во очајна состојба и само кога треба да се игра некој многу важен меч, се вклучува алармот, за да има санација.

Така е и сега. Стадионот ќе биде затворен до 9 септември кога на арената „Тодор Проески“ треба да гостува актуелниот европски првак Италија, во меч од квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Поради затворањето на стадионот, македонскиот првак Струга Трим Лум ќе биде домаќин на Есперанж од Луксембург на комплексот на ФФМ, на 10. август со почеток во 17 часот, во меч од третото квалификациско коло од Конференциската лига. Исто така ниту Работнички и Вардар нема да може да бидат домаќини во првенствените дуели на нашиот најголем стадион, кој моментално е во очајна состојба. Од Работнички уште вчера најавија дека во првото коло од Прва лига против Шкупи како домаќини ќе играат на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

- Оглас -

Најнови вести