Јувентус за првпат од 2012 година нeма да застане на фудбалскиот трон во Италија, кој му го препушта на Интер, кој веќе наредниот викенд може математички да го обезбеди Скудетото. Бјанконерите предовдени од Андреа Пирло не сјаат како претходните сезони, па шампионските амбиции се претворија во пласман во топ 4 и Лигата на шампионите.
Поради тоа, голем дел од навивачите на Јувентус не се задоволни, а некои од нив на сосема погрешен начин го изразуваат незадоволството. Имено, синот на Пирло, 17-годишниот Николо, секојдневно добива смртни закани на социјалните мрежи, па одлучи да го прекине молкот и да сподели со јавноста со какви одвратни луѓе си има работа.
„Јас сум еден од оние кои настојуваат за слободата на говорот. Секој има право да го искаже своето мислење, но не и кога тоа се прави на погрешен начин. Имам само 17 години, а секој ден добивам одвратни пораки како да е моја вината за работата на татко ми во клубот во кој работи. Ми посакуваат да умрам, ми се закануваат со разни навреди кон мене и моето семејство. Би сакал да ги прашам тие луѓе како би се чувствувале да се на мое место. Ова повеќе нема смисла и мора да се преземат мерки“, се изјасни Николо преку социјалните мрежи.
На пет кола до крајот на сезоната во Серија А, Јувентус е четврти со 66 бода, исто колку што има третопласираниот Милан, додека Наполи вечерва со евентуална победа на гостувањето кај Торино може да се израмни по бројот на бодови со Старата дама.