Кристијано Роналдо е човекот кој вечерва го слават и опеваат сите навивачи на Јувентус, но и многу неутралци откако Португалецот со три гола му донесе триумф на Јуве од 3-0 над Атлетико Мадрид, за четвртфинале во Лигата на шампионите. Гостите имаа предност од 2-0 по првиот меч, во Торино дојдоа да се бранат по секоја цена, но немаа решение за расположениот Роналдо, кој им даде два гола со глава и еден од пенал.
Роналдо има дадено дури 25 гола против „јорганџиите“, четврти хет-трик, од кои три се против Облак, а ова му е осми хет-трик во ЛШ, со што се изедначи со Меси. Роналдо и во дресот на Реал (против Волфсбург) даде хет-трик за 3-0 по пораз од 0-2 и сам го однесе својот тим во следната фаза. Јуве првпат успеа да мине една рунда во ЛШ откако првиот меч го загубил со два гола разлика.