Порака од Франција за Мбапе: Прекини ја сезоната за да бидеш подготовен за СП 2026

Килијан Мбапе може да го загрози својот настап на Светското првенство кое ќе се игра летово во САД, Канада и Мексико доколку не реши предвреме да ја заврши сезоната на клупски план со Реал Мадрид. На ова предупредува новинарот Сирил Ханоуна.

Најдобриот француски репрезентативец веќе неколку месеци има проблеми со повредите на коленото. Имаше периоди и кога со големи болки сепак решаваше да игра на важните дуели за Реал Мадрид. На крајот предупредувањата се дека Мбапе може да плати многу „скапа сметка“ за ваквата негова одлука.

Новинарот Сирил Ханоуна во едно телевизиско шоу тврдеше дека повредата на Мбапе е многу посериозна од тоа што се мисли и дека доколку повторно почувствува болка во коленото, тоа може да значи и неколкумесечна пауза за него.

„Единствен начин да бидеме сигурни дека ќе го видиме на Светското првенство е да престане да игра за Реал Мадрид. Тој не се согласуваше целосно со докторите на Реал, па затоа дојде во Франција за второ мислење. Моите извори велат дека состојбата со неговото колено е многу посериозна од тоа што се очекуваше“, вели Ханоуна во својата анализа.

Лекарите во Франција го советувале Мбапе дека е време да ја заврши оваа сезона и да одмора за да може да биде подготвен за настап на Светското првенство кое за помалку од 100 дена ќе се игра во САД, Мексико и Канада.

Мбапе моментално е на рехабилитација и сигурно нема да игра против Манчестер сити во осминафиналето од ЛШ. Додека во Франција постои страв, во Реал Мадрид со нетрпение чекаат Мбапе да се врати на теренот и да продолжи да биде предводник на тимот сезонава.

- Оглас -

Најнови вести