Порака од Наполи: Мечот не смее да биде регистриран со 3:0 за Јувентус

Спортскиот суд во Италија утре треба да донесе одлука за неодиграниот меч меѓу Јувентус и Наполи во рамките од Серија А. Играчите на Старата дама синоќа беа на теренот во Торино, но гостите од Неапол не допатуваа.

Од Наполи посочија дека имаат забрана за патување откако локалната здравствена организација одлучила дека фудбалерите треба да бидат во карантин.

Правниот застапник на Наполи даде објаснување и изјави дека никако не смее да се случи да биде одлучено Јувентус да победи службено со 3:0.

„Одлуката на локалните здравствени власти беше исклучиво во интерес на здравјето на луѓето. Локалните здравствени власти донесоа одлука и тоа е закон. Не беше Наполи тој што одлучи да не патува во Торино. Ако Наполи отидеше на ова гостување, ќе беше изложен на казнена одговорност и здравствени ризици. Ако спортскиот суд одлучи мечот да биде регистриран со 3:0, спортот ќе загуби важна шанса да испрати друг сигнал. Наполи немаше избор, иако играчите беа подготвени за патување”, вели правниот застапник на Наполи, Матео Грасани, кој додаде дека постои реална шанса првенството да не се ни доигра, а сè ќе зависи од степенот на пандемијата.

- Оглас -

Најнови вести