Францускиот прволигаш Ремс во 1956 и 1959 година играше во финалето на Купот на шампионите, претходникот на Лигата на шампионите, и двапати губеше од Реал Мадрид во битката за трофејот.
Сега се пред несекојдневна ситуација. На 21 и на 29 месецов треба да играат против второлигашот Мец во борба за опстанок во француската елита, а на 24 месецов играат и во финалето од Купот на Франција против ПСЖ.
Можно е да се случи да испаднат од Лига 1, но ако го освојат Купот, тогаш ќе си обезбедат место во Лигата на Европа.
Во иста ситуација минатата сезона беше и екипата на Дрогеда од Ирска, но тие не само што го освоија Купот, туку победија и во плејофот за опстанок. Во 2013 година Виган испадна од Премиер лигата, но го освои ФА купот и учествуваше во Лигата на Европа, а таму играше и Тетекс, кој истата сезона испадна од Првата македонска фудбалска лига, но го освои Купот откако на пенали го совлада градскиот ривал Шкендија. Тетовци тогаш беа елиминирани од Пјуник (1-1 и 0-1) во првото коло од квалификациите за Лигата на Европа.