Фудбалерот на романскиот клуб Сепси, Исник Алими, доби дополнителен повик од селекторот на Македонија, Благоја Милевски, за квалификациските натпревари против Италија и Малта.
Се работи за фудбалер кој има 29 години и настапува во средниот ред од теренот. Во моментов е дел од романскиот прволигаш Сепси, а во минатото настапувал и за Габала од Азербејџан, хрватските Шибеник и Новиград, како и за низа клубови во Италија, од кои најзвучно е она на Аталанта, а тука се и Имоленсе, Римини, Виченца, Форли, Масератесе, Киево и Лумецане, а во Македонија единствените настапи ги бележи за екипата на Охрид. Сепак, за екипата на Аталанта нема одиграно ниту еден меч.
Алими во младинските категории настапувал за репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 17 и 19 години, а потоа се одлучил да настапува за Албанија и играл за нивната репрезентација за играчи до 21 година.
„Алими бележи одлични игри во романското првенство со Сепси. Неговото искуство и формата во која се наоѓа може само да ја зголеми конкуренцијата во нашиот тим и да ни донесе дополнителен квалитет“, изјави селекторот Благоја Милевски.