Поранешен тренер на Реал се сомнева во заткулисни игри во ЛШ: Со вакви црвени картони го уништувате фудбалот

Фабио Капело двапати беше тренер на Реал Мадрид, но вечерва јасно го кажа своето мислење за контроверзното исклучување на Ремо Фројлер во 17-тата минута на дуелот меѓу Аталанта и Кралскиот клуб.

„Разочарувачка е одлуката на судијата Штилер. Фројлер не беше последниот човек во одбраната, а и Менди не одеше во правец кон голот на Аталанта. Жолт картон ќе беше сосема правилна одлука, црвениот картон е голема и необјаснива грешка на германскиот судија. Со вакви одлуки се уништува фудбалската игра“, изјави Капело.

Легендарниот тренер вели дека почнува и да се сомнева во накакво сценарио во Лигата на шампионите откако вчера, како што вели, не му беше досуден и пенал на Лацио против Баерн.

„Почнувам да се сомневам дека големите екипи, или таканаречните гиганти, имаат некаква сомнителна поддршка во Лигата на шампионите“, истакна Капело.

Реал Мадрид ја искористи предноста од играч повеќе речиси цел меч и ја победи Аталанта со 1:0 со голот на Ферланд Менди во финишот. Реваншот ќе се игра во Мадрид на 16 март.

- Оглас -

Најнови вести