Поранешната четврта тенисерка на светот, Џоана Конта, изјави дека не разбира зошто навивачите имаат негативен однос кон Новак Ѓоковиќ и тврди дека ниту неговите најголеми противници немаат никакви причини за нетрпеливост, освен доколку тоа не е тренд.
Англичанката смета дека Ѓоковиќ заслужува многу поголема поддршка од таа што ја добива. Според неа, проблемот на Ѓоковиќ е што се појави во моменти кога тенискиот свет беше поделен на навивачи на Роџер Федерер и на Рафаел Надал.
„Мислам дека од нив тројца, Новак имаше најтежок пат кога станува збор за имиџот. Тој пристигна подоцна, откако веќе тенискиот свет беше поделен на навивачи на Федерер и на Надал. Исто така Федерер и Надал можат да тврдат дека ја променија играта, донесоа нешто ново во тенисот. Навистина, такво нешто не може да тврди Новак бидејќи подоцна се појави, но затоа пак тој е главната причина зошто тенисот е таму каде што е сега. Мислам дека е ср**е за него што не добива признание од навивачите. Мислам дека луѓето сакаат да влезат „во шема“ и да мразат некого. Не го сакаат Новак бидејќи тоа е во тренд. Мислам дека никој не може да каже зошто не го сака Ѓоковиќ, никој не го познава како што исто така не ги познава ниту Федерер ниту Надал лично. Ако запрете на улица некој од тие фанови и го прашате зошто не го сака Ѓоковиќ, нема да знае да ви одговори. Затоа јас сум таен фан на Новак и сакам во Њујорк да дојде до 24-тиот гренслем трофеј“, изјави Конта.