Некогашниот НБА-кошаркар Марчин Гортат најави дека е подготвен без страв да земе и оружје в раце доколку тоа е потребно. Некогашниот центар кој ги носеше дресовите на НБА-екипите Орландо, Феникс, Вашингтон и ЛА клиперс во еден поткаст отворено изјави дека во случај Русија да нападне некоја земја членка на НАТО, посебно неговата родна Полска, без многу размислување ќе тргне во војна.
„Ако има потреба, ќе земам пушка и ќе ја бранам Полска. Крај на приказната. Тоа не би било одбрана само на територија, туку одбрана на својот син, жена, деца и целата фамилија“, истакна 41-годишниот Гортат.
Тој вели дека одбраната на татковината и семејството се вредности со кои тој израснал и тоа би било нешто нормално што би се случило доколку некој реши да ги нападне.
Засега Русија е во воен конфликт само со Украина, но често има закани дека конфликтот може да биде проширен.

