Поранешната ѕвезда на Челзи сопре со играње фудбал поради проблеми со срцето

Поранешниот бразилски репрезентативец Оскар ја заврши фудбалската кариера на 34 години, соопштија од неговиот клуб Сао Пауло. Оваа одлука на Оскар доаѓа помалку од еден месец откако фудбалерот беше примен во болница поради проблеми со срцето. Тој имаше договор со Сао Пауло до крајот на 2027 година, но сепак здравствените проблеми го натераа порано да се пензионира.

Оскар последен пат играше во ноември минатата година, кога доживеал вазовагална синкопа – честа причина за несвестица по ненадеен пад на крвниот притисок или срцевиот ритам, што барало операција. Се чувствувал лошо за време на медицинските тестови пред сезоната и наводно бил во несвест околу две минути. Сао Паоло во тоа време изјавил дека имал „компликација со срцеви промени“.

Оскар се вратил во својот роден клуб кон крајот на 2024 година по долг престој во Кина.

„Сакав да направам повеќе за Сао Паоло, сакав да играм повеќе. Мислам дека имав и фудбалски талент и возраст да играм повеќе, но за жал се случи ова. Сега ќе се пензионирам и ќе продолжам да навивам за Сао Паоло, ќе го продолжам мојот живот како навивач“, разочарано констатираше Оскар.

Бразилецот освои една титула во Лигата на Европа и два трофеи во Премиер лигата со Челзи, на кого му се приклучи во 2012 година. Потоа се преселил во Шангај СИПГ кон средината на сезоната 2016-17 за трансфер од 73 милиони долари. Бразилецот освои три титули во кинеската Супер лига и стана омилен меѓу навивачите во Азија.

- Оглас -

Најнови вести