Некогашниот фудбалер на Јувентус, Атлетико Мадрид и Вердер Бремен, Диего Рибас сега работи рамо до рамо со работниците од јавна чистота во Рио де Жанеиро. Рибас се вклучи во кампањата за подигнување на свеста за важноста на комуналната служба во Бразил.
На портокаловата униформа што ја носи, нема никаков спонзор како што имаше во времето кога беше дел од светскиот фудбал, туку стои натпосот „Административна единица Рио“. Тој е опремен со метла, а покрај него е камионот во кој се складира ѓубрето.
Овој необичен потег на Диего доаѓа откако во 2023 година и официјално се повлече од активното играње фудбал. Освен во Јувентус, Атлетико и Вердер, има играно и за Сантос, Порто, Волфсбург, Фенербахче и Фламенго.
Најдобрите настапи во кариерата ги имаше во дресот на Вердер со кој во 2006 година го освои Лига Купот на Германија, а потоа во 2009 година се радуваше и на трофејот во Купот. Во 2009 година играше и во финалето на Купот на УЕФА.
Сега, наместо да биде на зелениот терен, Диего помага на плажите во Рио, за да биде дел од кампањата на подигнување на свеста, јавноста да сфати колку важна работа имаат работниците во јавната чистота.
„Го запознав светот на чистачите на улици. Сакам да го сфатам нивното секејдневие и како општеството може да помогне тука. Најдобар начин тоа да го сфатам е да бидам дел од нив, да ги слушам нивните проблеми и да го ценам тоа што го работат“, вели Диего.