Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски во зимскиот преоден рок ќе биде еден од најбараните фудбалери на трансфер-пазарот за кого интерес пројавуваат вистински фудбалски гиганти и поранешни европски шампиони, пишуваат шкотските медиуми.
Според нив, интерес за ангажирање на Миовски пројавуваат Манчестер јунајтед, Селтик, но и екипи како Лацио, Болоња и Ремс.
Вистинска сензација би било доколку Миовски се пресели на „Олд Трафорд“, но оваа опција има најмалку шанси бидејќи условот за такво нешто е да се продаде Антоан Марсијал, за кого нема интерес речиси од ниту една екипа и потоа да се купи Македонецот. Згора на тоа, сериозна конкуренција на Миовски ќе му биде и напаѓачот на Болоња, Циркзе.
Најреална е опцијата Миовски во јануари да потпише за шкотскиот гигант Селтикс, кој во јануари нема да може да смета дури на тројца напаѓачи поради Азискиот куп. Јапонците Кјого Фурунаши, Дајзен Маеда и репрезентативецот на Јужна Кореја, Хјеон-Хју Ох, ќе играат на Азискиот куп и поради тоа шкотските медиуми очекуваат Селтик да тргне во офанзива по Миовски.
Освен овие два тима, сериозен интерес за Миовски пројавуваат и Лацио, Болоња, која во македонскиот репрезентативец гледа идеална замена ако го продаде Циркзе на Манчестер јунајтед, и францускиот Ремс.
Поради зачестените шпекулации за трансфер на Миовски, тренерот и фудбалерите на Абердин бараат од управата да ги одбие понудите и да не го продава напаѓачот.