Поранешниот фудбалер на Барселона и Атлетико Мадрид, Турчинот Арда Туран, во својата кариера заработи милиони, но сега јавно објави дека е пред банкрот и дека нема ниту евро. Тој за својата ситуација го обвини Сечил Ерзан, директор на подружница на една банка во Истанбул, кој му советувал да инвестира во еден инвестициски фонд.
Туран вложил 13 милиони евра и само во еден момент останал без ништо. Цел на слична измама од истиот човек бил и уругвајскиот голман Фернандо Муслера, кој вложил 1,2 милиони евра.
„Ми рече: Кој ќе вложи во овој фонд, ќе заработи. Вложив повеќе од 13 милиони евра. Сите пари и трудот, сè што со години заработив, одеднаш исчезна. Уништени се моите пари и трудот. Жал ми е, ова потполно ме исцрпи. Целата моја заштеда ја снема во секунда“, вели Арда Туран.
Турчинот во својата кариера освен за Барселона и Атлетико Мадрид, настапуваше и за Галатасарај, Манисаспор и Истанбул Башакшехир, додека во моментов е тренер на турскиот второлигаш Ејупспор, кој е убедлив лидер на табелата.