Лидс jунајтед, поранешниот клуб на Езѓан Алиоски, и официјално се врати во Премиер лигата, а прославата на титулата од Чемпионшип викендов кулминираше денес со голема парада низ центарот на градот. Илјадници навивачи ги преплавија улиците на Лидс носејќи ги белите и жолтите клупски бои, поздравувајќи ги своите херои кои патуваа со отворен автобус.
Оваа парада има особено значење бидејќи по претходното промовирање во 2020 година немаше можност за прослава поради пандемијата. Затоа оваа година навивачите со уште поголема страст и емоции го дочекаа големиот момент.
Парадата започна во 13 часот, а автобусот со фудбалерите и стручниот штаб, предводен од тренерот Даниел Фарке, помина околу еден километар низ градот.
😆 The Champions pass the art gallery…they are somewhere in there honest!!!#LUFC | #BBCFootball | #BBCEFL pic.twitter.com/2SC6Yav22G
— BBC Sport West Yorkshire (@BBCWYS) May 5, 2025
Атмосферата беше фестивалска – песна, навивање и еуфорија под мотото „Leeds are going up“.
Навивачите се искачуваа каде што ќе стигнат, на автобуски постојки, дрвја, прозорци – само за да ги видат своите херои.
Менаџерот Даниел Фарке, кој останува на клупата и следната сезона, им се заблагодари на навивачите за неверојатната поддршка. Неговиот тим со голот на Манор Соломон во 91-вата минута против Плимут во саботата ја обезбеди титулата пред Барнли и Шефилд јунајтед.
Претседателот Параг Марате рече:
„Ова е ден кој ќе го паметиме цел живот. Оваа екипа и овие навивачи го заслужија сето ова.“
Градот беше блокиран за сообраќај, а безбедноста беше обезбедена од полицијата и од локалните власти.