Македонскиот интернационалец Мирко Ивановски и уште тројца фудбалери беа претставени пред медиумите како засилувања на Динамо Букурешт. Нашиот напаѓач, кој од 2010 до 2015 беше дел и од репрезентацијата на Македонија, веќе тренира со Динамо, а ова му е втор ангажман во Романија, откако во 2014 година го носеше дресот на Клуж.
Во Динамо, Ивановски дојде од унгарскиот Диошѓер, а во својот нов клуб тој ќе го носи дресот со бројот 44.
„Искрено, многу сум среќен што потпишав за овој клуб. Динамо е еден од најдобрите тимови во Романија, познат е и во Европа. Има најдобри навивачи, а јас дојдов да помогнам колку што можам. Ветувам дека ќе дадам 100 проценти на секој тренинг и на секој натпревар“, рече Ивановски, кој би можел да дебитира на 12 септември во големото дерби против ФЦСБ (Стеауа).