Некогашниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски се враќа во тренерските води. Ѓорѓиоски од неодамна прифати да седне на клупата на Брегалница Штип, а денеска од 14 часот ќе го има и дебито и тоа на меч против Ренова. Со овој дуел стартува пролетниот дел од македонското елитно фудбалско натпреварување.
По 18 кола, Брегалница има 29 бодови, само два повеќе од Ренова. Штипјани на свој терен играат сигурно и во девет меча имаат шест победи, две нерешени и само еден пораз. Ренова игра солидно на гости и во девет средби има по три победи, порази и нерешени.
Кога се работи за меѓусебните дуели, Ренова доминира и има пет победи и едно реми во последните шест меча против Брегалница која последен пат против овој ривал се радувала во декември 2015 година со 3:2.
Останатите мечеви од 19. коло се играат утре, а се среќаваат: Скопје – Борец, Македонија ЃП – Тиквеш, Пелистер – Работнички, Шкендија – Струга и Шкупи – Академија Пандев.