Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, во интервју за германски РТЛ ги критикуваше случувањата во фудбалскиот свет, одбвинува дека фудбалот е купен од Саудиска Арабија, а светската фудбалска организација не прави ништо за да го спречи тоа.
„Да, го изгубивме фудбалот во корист на Саудиска Арабија. Ние им го понудивме, а тие си го зедоа.“ – вели Блатер, притоа алудирајќи на трансферите кои фудбалерите ги прават на Блискиот Исток, но и организацијата на Светското првенство во 2034 година, кое го доби Саудиска Арабија.
„Неверојатно е, внатре во ФИФА воопшто не постои никаков отпор кон тоа.“ – додава сега веќе 89-годишниот Блатер.
На Швајцарецот не му се допаѓа ниту Светското клупско првенство, па вели дека светот е презаситен од фудбал.
„Во минатото проблемите се решаваа на конгрес и токму конгресот ги носеше одлуките. Денес на конгресите не се зборува за ништо. Има премногу фудбал. Се игра сред најтоплото лето, тоа е нездраво и безобразно. Тоа не е прифатливо. Мора да ги заштитиме фудбалерите.“ – вели Блатер.