На социјалните мрежи сè погласни се повиците за бојкот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, пред сè поради политиките на Доналд Трамп и американската администрација.
Поддршка за најавите за бојкот даде и поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, кој ја сподели објавата на швајцарски адвокат, кој беше дел од телото за реформи во Светската куќа на фудбалот.
„Ако земеме предвид сè што зборуваме, постои само еден совет за навивачите: Не патувајте во САД! Секако на телевизија ќе може подобро да гледате. По пристигнувањето, навивачите треба да очекуваат дека ако не им се допаднат на официјалните лица, ќе бидат вратени дома со првиот авион. Ако имаат среќа“, рече адвокатот Марк Пит.
Сеп Блатер на социјалните мрежи ја сподели пораката на адвокатот и напиша: „Мислам дека Марк Пит со право го доведува во прашање одржувањето на ова Светско првенство“.
Блатер беше претседател на ФИФА од 1998 до 2015 година, а се повлече откако против него беше отворен предмет за корупција.

