Ракометарите на Алкалоид се поразени во својот дебитантски настап во европските купови. Алкалоид во првото коло во групната фаза во Лигата на Европа, во СЦ „Јане Сандански“ доживеа пораз од Војводина со 26:31.
Првиот европски гол за Алкалоид го постигна Мартин Серафимов од пенал во првата минута. Но, ракометарите на Војводина беа тие кои го диктираа ритамот во првото полувреме. Во четвртата минута поведоа со 1:3 по двата гола на Воркапиќ, а Алкалоид возврати преку Маркоски и Бинго.
Потоа следеше мини-серија од 0:3 на гостинските ракометари, кои предноста не ја испуштија до крајот на првиот дел. Најголемата предоност за Војводина во првото полувреме изнесуваше пет гола (6:11), но во последните две минути Алкалоид со серија од 3:0 на одмор замина со негатива од два гола (13:15).
Во воведните минути од второто полувреме се играше гол за гол сè до 40-тата минута, кога Војводина поведе со 18:21, а по голот на Џонов одговори со нови два гола за 19:23, поради што Кирил Лазаров беше принуден да повика тајмаут.
Советите од Лазаров се чини дека не вродија со плод бидејќи неговите ракометари не реализираа три напади по ред и негативата се зголеми на седум гола (19:26). Ракометарите на Алкалоид не се предадоа и со серија од пет гола по ред дојдоа до 25:27 во 56-тата минута. Миленковиќ ја прекина серијата на Алкалоид, а дилемите околу победникот ги разреши Роган во 58-мата минута. На крајот Војводина славеше со 26:31.
Иван Џонов со осум постигнати голови беше најефикасен кај Алкалоид, пет дадоа Бинго и Митев, а Серафимов постигна четири гола. Кај Војводина, Воркапиќ постигна осум гола.
Во следното коло кое ќе се игра за седум дена, Алкалоид и гостува на шпанската Ла Риоха.