Поразот ги отрезни Гаучосите, ќе има најмалку две промени за дуелот со Мексико

Во селекцијата на Аргентина се запалија сите можни аларми по шокантниот пораз од Саудиска Арабија од 1:2 во првиот натпревар на Светското првенство во Катар.

Капитенот Лионел Меси одржа долг состанок кој траеше повеќе од час и половина по поразот, а аргентинските медиуми открија дека веднаш по натпреварот меѓу Мексико и Полска, била одржана нова средба, овој пат само меѓу играчите бидејќи резултатот бил поволен и им ги задржа шансите на Гаучосите да го освојат првото место во групата.

Исто така, аргентинските медиуми денеска пишуваат дека за саботниот меч против Мексико ќе има најмалку две промени во стартниот состав.

Главниот кандидат да биде дел од првиот тим е Енцо Фернандес бидејќи и Леандро Паредес и Родриго Де Пол играа многу пославо од очекуваното и им дозволија на Саудијците во второто полувреме да ја контролираат средината на теренот.
Не е невозможно и двајцата да останат на клупата, а Мекалистер да игра покрај Фернандес, иако е можно и Јулијан Алварез да го замени Алехандро Папу Гомез на нападот.

Евентуална победа на Аргентина над Мексико ќе ги врати Гаучосите во игра за првото место во групата бидејќи Саудиска Арабија во следните два меча ќе игра против селекции чиј стил на игра не ѝ одговораат многу.

Меси како капитен ги повика сите на единство по поразот од Саудиска Арабија и не дозволи пад на психолошки план, напротив, медиумите пишуваат дека овој пораз го искористил како отрезнување и да направи сè за Аргентина да слави во преостанатите два меча.

- Оглас -

Најнови вести