Со поразот од Грузија, македонската репрезентација ги загуби и теоретските шанси за прво место во својата група од Лига Ц и надвор сме од битка за пласман на ЕП 2024 преку Лигата на нации.
Останува да се обидеме на ЕП 2024 да се најдеме преку квалификациите, а на 9-ти октомври ќе дознаеме кои ќе ни бидат противници во квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра по две години во Германија.
На едно коло до крајот на Лигата на нации, уште не е сигурно дали Македонија ќе биде во четвртиот или петтиот шешир при ждрепката. Има пет слободни места за четвртиот, и три за петтиот шешир. Победа над Бугарија в понеделник, дефинитивно ја носи Македонија во четвртата квалитативна група.
Во четвртиот шешир во кој посакуваме да се најде и Македонија, сигурно се Грузија, Грција, Казахстан, Луксембург и Турција, а во петтиот гарантирано место имаат Белорусија, Естонија, Гибралтар, Летонија, Литванија, Малта и Молдавија. Освен Македонија, во неизвесност дали ќе бидат во четвртиот или петтиот шешир се и Азербејџан, Бугарија, Кипар, Фарски острови, Косово, Северна Ирска и Словачка.
Од десетте групи во квалификациите, седум ќе имаат по пет тима, а три ќе бидат со шест селекции, а најдобрите две од секоја група одат на ЕП.