Македонската репрезентација за кошаркари до 18 години загуби од Израел со 73-85 во разигрувањето за 9-16 место и сега се доведе во ситуација наредниот меч да ни биде „сè или ништо“, поточно опстанок или испаѓање бидејќи следува разигрување за 13-16 позиција, а од А дивизија испаѓаат три селекции.
Овие денешни -12 не изгледаат страшно како претходните четири порази кои беа многу поубедливи, но тимот на селекторот Горан Андреевски веќе нема право на грешка и мора да победи против Австрија или Белгија на наредната средба доколку сакаме да останеме во А дивизија. Пораз на тој меч ќе значи испаѓање во Б дивизија и враќање во втората европска лига во оваа возрасна категорија.
Израелците ја добија првата четвртина со 26-16 и веднаш дадоа до знаење дека се решени да победат. Кај Црвено-жолтите се истакнаа Дамјан Данев со 23, Никола Јаничиќ со 16 и Григориј Ѓорѓевиќ со 15 поени, но потрошија и многу топки, на пример: Јаничиќ и Ѓорѓевиќ заедно имаа 19 обиди за тројка, а погодија само две.
Кај Израел имаше четворица поединци со 15 или повеќе поени.