Ракометната репрезентација на Македонија до 19 години со поразот од Јапонија при конечни 22:31 заврши на четвртото место во групата Ц на Светското првенство за ракометари до 19 години. Првиот предизвик на кадетите во нокаут-рундата ќе биде селекцијата на Португалија, која со максимален учинок го освои првото место во групата Д.
Самураите не им дадоа да дишат на нашите ракометари, правејќи голема разлика уште на стартот од мечот со 6-0, по што со високото темпо ги добија првите 30 минути со 15-11. Избраниците на Данило Брестовац имаа неуспешни обиди да се вратат во игра, додека Јапонците постепено ја надградуваа разликата и на крајот славеа со +9.
Костески со учинок 8/10 беше нашиот најефикасен играч, Харута со пет гола го предводеше јапонскиот состав.
Македонија групната фаза ја заврши со две победи, против Бахреин и Нигерија, додека поразите ги претрпеа од Данска и Аргентина во првото коло, како и денешниот против Јапонците.