Поразот од Манчестер јунајтед му покажа на Конте дека Тотенхем не е кандидат за титулата

Менаџерот на Тотенхен, Антонио Конте, е разочаран по поразот од Манчестер јунајтед од 2:0 во натпревар од 12-тото коло во Премиер лигата.

Неговите фудбалери на „Олд Трафорд“ за 90 минути игра упатија само два шута во рамките на голот на Јунајтед, што е премалку за дуел против тим од „големата шесторка“, по што Конте признава дека Тотенхем сè уште не е подготвен да се бори за титулата во Премиер лигата.

„Поминаа 10 или 11 месеци откако сум во Тотенхем и не можете од деветтото место веднаш да станете кандидат за титулата, посебно доколку сезоната ја завршите со 20 бода помалку од „монструмите“ во Англија“, изјави Конте.

Разликата меѓу Тотенхем и лидерот на табелата Арсенал изнесува само четири бода, тимот на Конте има 23 бода и се наоѓа на делба на второто место со Манчестер сити. Но, Италијанецот смета дека неговите фудбалери имаат големи проблеми кога играат против најдобрите екипи во Премиер лигата.

„Дуелот со Манчестер јунајтед секако не беше добар за нас, но морам да бидам искрен, посебно кон играчите, бидејќи ова не ни е првпат да играме вака. И покрај тоа што стоиме добро на табелата, секој пат кога игравме натпревар против екипа од врвот, ние се мачевме. Така беше и против Челзи, кога израмнивме во минута иако тие доминираа. Загубивме од Арсенал, а сега тоа ни се случи и со Јунајтед“, додава Конте.

- Оглас -

Најнови вести