Португалија со 3:0 ја победи Босна и Херцеговина и со максимални девет бода од три меча е на врвот од табелата во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. И покрај победата, претседателот на португалската фудбалска федерација Фернардо Гомес беше загрижен и тоа поради немилиот момент кој се случи во 87 минута.
На три минути пред крајот, во игра влезе Отавио на местото на Бернардо Силва, а домашните навивачи од трибините започнаа да свират и да негодуваат. Причина за ваквата реакција на навивачите кои беа на трибините на стадионот „Луж“ во Лисабон е фактот дека Отавио е играч на Порто, голем клупски ривал на Спортинг. Токму поради тоа Гомес имаше реакција.
„Жал ми е што втор пат во животот видов неприфатлива сцена па еден репрезентативец е исвиркан на стадион во Португалија. Навивачите треба да бидат дополнителна помош за сите кои се на теренот. Знам дека сите кои го носат националниот дрес тоа го прават со гордост и уживање и дека се целосно посветени. Отавио е еден од нас и затоа барам португалските навивачи да му дадат апсолутна поддршка кога игра националниот тим. Нема боја, нема клубови, нема фанатизам. Отавио, фудбалот и Португалија заслужуваат подобро однесување“, беше пораката од претседателот на португалската фудбалска федерација.
Дуелот против Босна и Херцеговина беше 12-ти за Отавио во дресот на Португалија. Офанзивецот кој е роден во Бразил, а игра за Португалија, досега има постигнато три гола.