Сензација е дека Светското првенство во Катар ќе биде без Италија, а сега и Португалија стрепи за своето место на Мундијалот. Македонија ја елминира Италија, а сега предизвик за нашите фудбалери е селекцијата предводена од Кристијано Роналдо.
Португалија игра на домашен терен и е апсолутен фаворит против Македонија, но во иста улога беше и Италија, па Аѕурите на крајот со наведнати глави си заминаа од стадионот во Палермо.
Дури и патот во квалификациите на Португалија и Италија кон СП 2022 е речиси ист. Двата гиганти беа први во своите групи, но во последното коло киксираа и наместо први, завршија на второто место во групите и мораа да играат бараж, каде што за ривал ја имаат Македонија.
Во изминативе 20 години, Португалија двапати на свој терен доживеала големи разочарувања и интересно е дека во двата случаи се работи за балкански селекции. Во финалето на Европското првенство во 2004 година, Португалија на „Луз“ во Лисабон загуби од Грција со 0:1 и остана без трофејот. Тогаш младиот Роналдо не можеше да верува дека неговата селекција е поразена од Грција.
Само пред неколку месеци, Португалија доживеа уште едно големо разочарување на „Луз“ во Лисабон. На свој терен го играа последниот меч од квалификациите за СП 2022 против Србија. На домаќините доволно им беше да останат непоразени за да ја задржат челната позиција, но Србија победи.
Александар Митровиќ со гол во 90-тата минута ги турна на колена Португалците кои веќе беа подготвени да го слават пласманот на Мундијалот.