Репрезентацијата на Португалија се пласираше во финалето на Лига на нации, откако со пресврт ја победи домашната селекција на Германија со 2:1. Ова беше вистински подвиг за Португалија, затоа што освен тоа што дуелот се играше на „Алијанц Арена“ во Минхен, гостите губеа со еден гол разлика и тоа на помалку од 30 минути до крајот.
Радост за навивачите на Германија донесе Флоријан Вирц со погодокот во 49 минута.
Погодокот на Германија како да беше знак за Португалија да тргне многу поофанзивно во нападот и тоа се исплатеше. Во 63 минута Франциско Консеисао тргна во соло продор и со прецизен шут донесе израмнување на 1:1.
Само четири минути по голот на Консеисао, следуваше комплетирање на пресвртот. Кој друг ако не Кристијано Роналдо е стрелец на голот кој подоцна се покажа дека е победнички.
Мендес одлично продре во шеснаесетникот, а потоа несебично додаде до Роналдо, а на овој му беше лесно да ја затресе празната мрежа. За Роналдо ова е 937 гол во кариерата, а вкупно 137 во репрезентацијата.
Португалија во финалето ќе го чека подобриот од утрешниот дуел меѓу Шпанија и Франција.