Однесувањето на Кристијано Роналдо и шпекулациите на некои медиуми, ги примораа од фудбалската федерација на Португалија (ФПФ) да реагираат со официјално соопштение во кое негираат оти фудбалерот се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата.
На големо се зборува дека откако дознал дека ќе биде резерва против Швајцарија, Роналдо се налутил и на селекторот Фернандо Сантош му рекол оти ќе го напушти националниот тим. Сестрата на Роналдо, преку социјалните мрежи прво го повика братот да си замине, а потоа рече дека тој е вечен, и критикуваше дека „некои луѓе не треба да ја гризат раката која ги храни“.
Од ФПФ објавија соопштение.
„Нашиот капитен никогаш не се заканил дека ќе го напушти тимот за време на СП во Катар. Кристијано секој ден поставува рекорди и се става на располагање на репрезентацијата и државата, нешто што мора да биде почитувано. Нивото на посветеност го покажа и против Швајцарија. Сите заедно работиме кон целта, а таа е ова да биде историски најуспешен Мундијал за Португалија“ – стои во соопштението.