Португалските медиуми си прават свои анализи на еден ден пред мечот со Македонија, што ќе се игра утре од 20.45 часот во Порто, а вреди бесценето и носи учество на Мундијалот во Катар.
Популарните Европски Бразилци, како што ги нарекуваат Португалците, објавија податоци според кои се бодрат самите себеси, а го искористија Бруно Фернадеш како пример.
„Само Бруно, кој е проценет на вредност од 90 милиони евра, вреди повеќе од целата македонска репрезентација. Јасен податок за тоа кој е фаворит и кој ќе победи и ќе игра на Мундијалот во Катар“, пишуваат новинарите на „А Бола“.
Има многу коментари, а најчесто и португалските и македонските навивачи се согласуваат.
„Утре на ‘Драгао’ нема да играат парите. Треба срце, борба и квалитет на терен за да се обезбеди пласман на Светското првенство во Катар“, се најчестите коментари на текстот објавен во „А Бола“.
Според податоците на „Трансфермаркет“, специјализирана страница за вредноста на фудбалерите, клубовите и репрезентациите, Португалија како селекција тежи 782,5 милиони евра, или десетпати повеќе од Македонија.
Бруно Фернадеш, кој утре сигурно ќе биде стартер и еден од главните адути на Португалците, е проценет на вредност од околу 90 милиони евра и според овој податок на „Трансфермаркет“, поскап е од целиот македонски тим.
Бернардо Силва со 75 милиони евра е втор, пред Диого Жота со 60 милиони евра, а интересно е што капитенот на Португалија и сè уште главна ѕвезда, Кристијано Роналдо е проценет на 35 милиони евра.
Кај нас Елиф Елмас, според „Трансфермаркет“, е најскап со проценета вредност од околу 25 милиони евра, зад него е Енис Барди со 9 милиони евра, па Аријан Адеми со 7.
Но, по одличните настапи на македонските репрезентативци и подвигот против Италија во Палермо и триумфот од 1:0, реално е дека цените се нереални и многу повисоки, а и интересот на европските клубови за нашите фудбалски јунаци е огромен.
Финалниот бараж-меч меѓу Португалија и Македонија ќе се игра утре, од 20.45 часот, на „Драгао“ во Порто и ќе одлучи која репрезентација ќе учествува на светскиот фудбалски самит во ноември и декември во Катар.