Најдобриот стрелец во историјата на португалската репрезентација и светски рекордер по број на голови за национален тим, Кристијано Роналдо, не треба да биде во почетниот состав на Португалија утре против Швајцарија, сметаат мнозинството негови сонародници.
Во анкета која на својот сајт ја направи весникот „А Бола“, дури 70 проценти се изјасниле дека Роналдо треба да биде на клупа. Најголемата португалска ѕвезда има статус на „недопирлив“ во репрезентацијата и тешко дека селекторот Фернандо Сантош ќе се реши да го остави на клупа, но ако се случи тоа, нема да добие жестоки критики од јавноста за евентуалниот таков потег.
Роналдо сезонава често беше резерва и во клубот Манчестер јунајтед, и фановите сметаат дека можеби е подобро да игра во финишот кога противниците ќе ги фати замор и тогаш тој би дошол до израз.