Посакуваме двоен подвиг на Денот на независноста – Одбојкарите да ја одбранат честа, фудбалерите да го одржат мундијалскиот сон

Македонија денес ја слави 30-годишнината од својата независност, па во празнично расположение репрезернтативците во два спорта ќе треба гордо да играат за својата нација и да донесат радост на големиот празник.

Сениорската репрезентација вечерва во 20:45 часот на Арената „Тодор Проески“ ќе ја пречека селекцијата на Романија во шестиот меч од квалификациите за Мундијалот во Катар, односно трет во овој септемвриски циклус. По двете ремија со Ерменија и Исланд, Рисовите предводени од Боби Милевски посакуваат да го одржат мундијалскиот сон и со евентуални три бода да останат во трката за второто место во групата Ј.

Посебен мотив за да се надиграат Романците ќе биде поразот од нив на стартот од квалификациите, претрпен во Букурешт со 3-2, меч во кој нашите репрезентативци надополнуваа два гола негатива, но не издржаа во самиот финиш да се вратат непоразени во Скопје. Негативниот биланс во меѓусебните дуели исто така треба да ги понесе фудбалерите да го одбранат домашниот терен, бидејќи Македонија бележи само еден триумф од вкупно седум средби против Романија и тоа во пријателски меч, додека ги загубивме останатите пет меча.

Ќе треба да се искористи и хендикепот што гостите нема да сметаат на Јанис Хаџи, кој во Скопје допатува заразен со корона-вирусот, а протоколот отстрани уште тројца играчи на Романија која остана само со 17 фудбалери за вечерашниот натпревар.

Милевски пак ги има сите свои играчи на располагање, па иако заморот е евидентен поради густиот распоред, вербата е дека ќе се најдат сили за 90-минутната битка на Националната арена по која на крајот ќе се радуваме на празничен подвиг.

Неколку часа претходно, односно во 16 часот одбојкарите ќе ја бранат својата чест на Европското првенство.

Ѓоргиев и дружината ќе го одиграат последниот меч од групната фаза против сребрената Русија од ОИ во Токио, што е далеку потешка мисија отколку на фудбалерите. Македонија ги загуби сите четири натпревари претходно од домаќинот Финска, па Холандија, Турција и Шпанија, освојувајќи само два сета во нив.

Што се однесува до меѓусебните дуели, се памети поразот од пред две години исто така на континенталниот собир, во кој Спартанците без многу отпор загубија во три сета.

Имајќи го во своите редови еден од најдобрите поентери на ова Европско првенство, капитенот Никола Ѓоргиев, можеби токму денес е шансата за сензација и со кренати глави одбојкарите да се одјават од шампионатот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести